Денвер Нагетс синоќа доживеа елиминација од Оклахома во полуфиналето на Западната конференција со што официјално заврши сезоната за Никола Јокиќ.
Поради тоа, една од темите кои беа начнати на прес-конференцијата по натпреварот беше неговиот евентуален настап на Европското првенство кое ќе се одржи претстојното лето. Лани тој учествуваше на Олимписките игри и беше еден од најдобрите играчи, но претходната година беше остро критикуван затоа што го пропушти Светското првенство. Србија со него е можеби најголем фаворит за трофејот на континенталниот шампионат, но Јокиќ вели дека уште не знае дали ќе игра.
„Мислам дека Олимписките игри ме направија уште подобар. Играв за својата земја, со други соиграчи, под поинакви правила и тоа ме направи подобар кошаркар. Доаѓа Еуробаскетот, морам да донесам одлука околу тоа, треба да разговарам со тренерите и главните играчи во репрезентацијата. Ќе видиме, но знам дека во следните денови ќе испијам многу пиво“, рече Јокиќ.
На Еуробаскетот, Србија е во групата во Рига, со Летонија, Турција, Естонија, Чешка и Португалија, а ќе се обиде да дојде до првото злато како самостојна држава.


