Најдобриот тим во НБА по основниот дел од сезоната Оклахома Сити Тандер поведе со 1-0 во финалето на Западната конференција откако славеше убедлив триумд (114-88) против Минесота на домашен терен.
Иако пред само два дена играа „мајсторка“ против Денвер, кошаркарите на Оклахома повторно беа на високо ниво и покажаа дека се зрели за шампионска титула. Минесота отвори со 8-0, но тоа беше се од гостите бидејќи домашниот тим до крајот на првата четвртина веќе водеше со 14 разлика (32-18), а потоа продолжи да го диктира темпото.
Клучен момент беше тоа што Оклахома успеа да го запре Ентони Едвардс кој упати само 13 шута кон противничкиот кош, погоди пет и натпреварот го заврши со 19 поени. Освен тоа, чуден беше судискиот критериум бидејќи Шеј Гилџес Александер изведе дури 14 слободни фрлања, повеќе од сите негови соиграчи заедно (12) што предизвика многу полемика и коментари кај љубителите на кошаркарта и аналитичарите.
Сепак, Канаѓанецот постигна 31 поен, а победата на неговиот тим е апсолутно заслужена што потврдија и кошаркарите на Минесота. Вториот меч од серијата се игра повторно во Оклахома каде Минесота ќе има уште една шанса за брејк.


