Неверојатен натпревар одиграа екипите на Њујорк Никс и Индијана Пејсерс, на стартот на финалната серија во Источната кокнференција.
Славеа Пејсерс со 138-135 по продолжение и со брејк го почнаа походот кон првото големо финале во НБА по пауза од 25 години. Неверојатно е како Индијана стигна до победата ако се знае дека на помалку од три минути пред крајот имаше 14 поени негатива, а на влезот на последната минута беше +9 за Њујорк. Се разигра Ерон Несмит кој во таа последна минута од основниот дел погоди три тројки и потсети на неверојатниот меч на Реџи Милер во истата арена од пред точно три децении кога за девет секунди постигна осум поени и ѝ донесе победа на Индијана.
Несмит овојпат се погрижи да го намали водството на Њујорк, а Халибартон на спектакуларен начин погоди со звукот на сирената за израмнување на 125-125 по што мечот отиде во продолжение. Многумина мислеа дека е тројка, Пејсерс веќе почнаа да слават, но на снимката се забележа дека со врвот на патиката газел на линијата и кошот важеше само два поена.
HALIBURTON FORCES OT AT THE BUZZER 🤯 pic.twitter.com/Q2A0wz5ECg
— NBA TV (@NBATV) May 22, 2025
Во дополнителните пет минути Њујорк отворија со 4-0, Индијана брзо се врати, но дури во финишот Оби Топин со забивање стави точка на драматичниот меч. Њујорк имаше напад за израмнување, ама го одигра мошне конфузно, домаќините два пати промашија шут за тројка и Индијана се израдува на првата победа.
Никс ги имаше двајцата најефикасни играчи на средба, Брансон и Таунс заедно постигнаа 78 поени (43+35), но кошевите на Халибартон (31) и Несмит (30) се покажаа многу повредни. Њујорк ќе биде домаќин и на вториот меч на кој нема право на грешка ако сака да остане во игра за пласман во големото финале.


