Индијана Пејсерс е на милиметри од своето прво финале по 2000 година откако ноќеска славеше и на вториот натпревар на гостински терен против Њујорк Никс.
И овој меч беше тесен и неизвесен, само што не се играше продолжение, а Индијана славеше со 114-109. Со тоа поведе со 2-0 во серијата и може во следните два дуела на домашен терен да обезбеди пласман во големото финале.
Ако на првиот натпревар блескаа Халибартон и Несмит, ѕвезда на ноќешниот дуел беше камерунскиот центар Паскал Сијакам. Мечот го отвори со 11 врзани поени, на полувреме имаше 23 и тоа за само 15 минути на теренот, а заврши со 39 на кои додаде пет скока и три асистенции.
На помалку од три минути пред крајот Индијана водеше со 110-100, но Њујорк направи серија од 9-0 и се закани дека ќе го направи истото што и противникот на првиот меч. Ануноби погоди две слободни фрлања, а потоа Брансон реализира пет поени по ред и му асистираше на Харт, па на 15 секунди пред крајот беше 110-109. Сепак, времето ги згази Никс, мораа да прават лични грешки, Несмит прво беше два пати прецизен, Брансон потоа промаши тројка, па Тарнер од линијата стави точка на мечот.
Брансон повторно беше прв играч на Њујорк, постигна 36 поени со 11 скока, а зад него останаа Бриџис, Таунс и Ануноби. Во тимот на Индијана, втор стрелец беше Тарнер со 16 поени, додека Халибартон остана на само 14, со лош шут од игра (5/16).
Третиот натпревар се игра утре вечер, во 2 часот по полноќ во Индијанаполис, а ако Пејсерс го искористат домашниот терен, серијата ќе заврши веќе в среда наутро.


