Пет македонски младински селекции, претстојното лето ќе учествуваат на европски првенства, а Кошаркарската федерација денеска ги потврди селекторите.
Од минатата година останува само Горан Андреевски кој и натаму ќе ја предводи машката У18 репрезентација на Македонија, единствена што ќе настап на шампионат во А-дивизијата. За тренерот на Водно Санс тоа е и логичен след на настаните имајќи предвид дека тој беше селектор и лани кога таа репрезентација го освои златото на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје. Домаќин на Еуробаскетот претстојното лето ќе биде Белград, во периодот од 26 јули до 3 август, а Македонија е во групата Ц, со домаќинот Србија, потоа Литванија и Грција.
Како што пред десетина дена објави КОШ.МК, машката У20 репрезентација ќе ја води довчерашниот тренер на Работнички, Горан Самарџиев кому ова ќе му биде прво селекторско искуство, а нов селектор има и У16 репрезентацијата каде доаѓа Нермин Пепиќ кој го замени Самарџиев на клупата на Работнички пред крајот на сезоната. Младинците ќе играат на Европското првенство Б-дивизија во Ереван, а кадетите во Скопје.
За разлика од момчињата, каде три селекции ќе не претставуваат на континенталните шампионати, во женска конкуренција ќе настапат само две репрезентации. Нов селектор На У18 репрезентацијата е тренерот на Крива Паланка, Виктор Петровски, а на У16, тренерот на кадетскиот тим на Вардар, Оливер Стојмановиќ.


