Првиот човек на Кошаркарскиот сојуз на Србија, Небојша Човиќ очекува на претстојното Европско првенство репрезентацијата да биде во својот најсилен состав.
Ова би значело дека селекторот Светислав Пешиќ ќе ги има барем истите кошаркари кои лани на Олимписките игри во Париз го освоија бронзениот медал, а малку недостасуваше да стигнат и до златото. Најважно за љубителите на кошарката во Србија е тоа што со ова е најавен настапот на Никола Јокиќ кој имаше уште една извонредна сезона во НБА.
„Очекувам да бидеме комплетни и така да одиме на Еуробаскетот. Сметам дека константните прашања за Јокиќ можат да создадат нездраво опкружување, а тоа не ни треба во овој момент. Ние работиме на тоа целата екипа да биде подготвена и комплетна да го дочека Еуробаскетот“, вели Човиќ.
Европското првенство се игра подоцна од Олимписките игри и почнува пред крајот на август, па кошаркарите ќе имаат повеќе време за одмор што е многу важно за нив. Сите кои настапуваат во НБА веќе испаднаа од плејофот и ќе имаат безмалку два месеца пауза до почетокот на подготовките за континенталниот шампионат.


