По два натпревара од полуфиналните серии во АБА лигата, резултатот е идентичен (1-1) и в недела ќе се играат одлучувачки дуели за пласман во големото финале.
Дубаи по продолжение го победи Партизан со 100-95 иако „црно-белите“ ги имаа сите услови да слават, меѓу другото и затоа што во финишот водеа и со шест поени разлика. Во последните напади имаа неколку лоши одлуки, Дубаи го искористи тоа и прво се избори за продолжение, а потоа го докусури својот ривал. Сепак, натпреварот беше исклучително неизвесен, токму тие шест поени беа и највисока предност на еден од тимовите кои дури 19 пати се сменија во водство.
Клучно за триумфот на Дубаи беше триото Препелиќ-Мејсон-Бертанс кое комбинирано постигна 72 поена. Карлик Џонс беше најдобар кај Партизан со 25 поени.
И Црвена Звезда со „стотка“ се избори за израмнување во серијата против Будуќност, славејќи со 100-81 во меч во кој ја имаше контролата од почетокот до крајот. Црногорскиот тим не личеше на оној што пред три дена на домашен терен ја растури Звезда, но ќе има можност пред своите навивачи да се бори за ново финале во АБА лигата.
Филип Петрушев со 20 поени беше најдобар стрелец кај Звезда, а по 13 постигнаа Кенан, Добриќ и Недовиќ. Морган ја предводеше Будуќност со 18 поени.


