Младиот македонски кошаркар Марко Солев од идната сезона ќе биде дел од школата на словенечкиот клуб Илирија од Љубљана.
Станува збор за 16-годишен играч, член ИБА Скопје за кого освен во кадетскиот тим, настапуваше и во Третата лига. Оваа сезона со својата екипа учествуваше во Европската младинска кошаркарска лига (EYBL) каде беше прогласен за МВП на турнирот што се одржа во Скопје во февруари.
Покрај тоа, Солев учествуваше на кошаркарскиот камп „Жељко Ребрача“ во Србија, каде што беше прогласен за МВП на кампот, триумфирајќи, меѓу другото, во натпреварите 1-на-1 и шутирање тројки во генерацијата 2009. Неговите настапи, како и талентот го прават еден од најперспективните млади кошаркари во Македонија, со потенцијал за понатамошен развој и успех на повисоко ниво. Претстојното лето тој се очекува да биде и во кадетската репрезентација што ќе настапи на Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
Илирија е тим кој инвестира доста во младите категории тоа го докажа и со пласманот во АБА 2 финалето со еден од најмладите тимови во лигата. „Малиот“ клуб од Љубљана сега е и на чекор од елитната дивизија на АБА откако вчера ја победи Цибона во Загреб во првиот меч од баражот.


