Цибона се наоѓа во исклучително тешка ситуација и нема да биде чудо ако првпат во својата историја испадна од АБА лигата каде настапува од нејзиното формирање пред 24 години.
Во првиот меч од баражот за опстанок, загрепскиот гигант загуби на домашен терен од Илирија и сега мора да се вади во Љубљана. Во периодот до вториот натпревар, тренерот Јосип Сесар направи анализа на играта на неговиот тим, а особено беше критичен кон центарот Филип Бундовиќ, познат на македонската кошаркарска јавност како поранешен играч на Работнички.
„Илирија беше побрза од нас. Напаѓачки изгледавме добро, нам не ни е проблем да постигнеме 70-80 поени, проблемот ни е во одбраната. Секогаш не напаѓаа таму каде што сме најтенки, на пик и на преземање, па потоа излегуваме на помош и постојано сме во некој хендикеп. Имавме водство во финишот, требаше да го задржиме и потоа дојде таа глупост на Бундовиќ кој е тотално неподготвен и не е за сериозна кошарка.
Имавме 50% шут за тројка и на таков процент губиме натпревар. Толку сме неодговорни во одбраната што е дури неверојатно. Имаме еден меч да се извадиме, но за вакво нешто не треба дополнителна мотивација“, рече Сесар.
Бундовиќ играше во Работнички во вториот дел од сезоната 2020/21, беше донесен како големо засилување, но и со него во составот, тимот од Градски парк не успеа да освои трофеј. Таа сезона Работнички изгуби во финалето од Купот од МЗТ Скопје, а во плејофот беше елиминиран од Еуро Никел со 2-0.
Интересно е тоа што Бундовиќ на теренот против Илирија помина само осум минути и постигна еден поен, но имаше и две загубени топки кои влијаеја на конечниот исход.


