Вечерва во Оклахома почнува финалната серија од НБА лигата меѓу истоимениот тим и Индијана Пејсерс во која многу кошаркари ќе го запишат своето име во историјата на ова натпреварување.
Меѓу нив и српскиот интернационалец Никола Топиќ кој, ако триумфира Оклахома, ќе добие шампионски прстен без ниедна одиграна минута во сезоната. Младиот кошаркар, кој дури во август ќе наполни 20 години, не игра цела сезона поради повреда што ја заработи лани во овој период, но бидејќи беше избран на драфтот, допатува во Оклахома и беше дел од тимот.
Во случај неговата екипа да ја освои титулата, тој ќе биде трет најмлад кошаркар со шампионскиот трофеј во историјата на НБА. Рекордот го држи неговиот сонародник Дарко Миличиќ кој во 2004 година триумфираше со Детроит со 18 години и 361 ден, а на второто место е Џонатан Куминга од Голден Стејт кој во 2022 имаше 19 години и 253 дена. Топиќ во моментов има 19 години и 292 дена, а финалето од плејофот ќе трае максимум две недели, а разликата меѓу него и другите двајца е во тоа што тој не одигра ниедна минута оваа сезона.
Младиот српски кошаркар многумина го сметаат за најголем талент во својата земја во моментов иако конкуренцијата е навистина огромна, а идната сезона уште неколку негови поранешни соиграчи од младинските репрезентации и од Мега ќе се преселат во САД, во НБА и НЦАА. Со само 19 години, Топиќ веќе има две АБА титули, освоени со Црвена Звезда и титула од Европското јуниорско првенство во 2023 година каде беше прогласен и за најкорисен играч.


