Поранешниот европски првак Партизан направи огромен чекор кон осмата титула во АБА лигата.
„Црно-белите“ на неверојатен начин славеа во Подгорица со 94-88 по продолжение иако на 45 секунди пред крајот на основниот дел, домаќините водеа со осум разлика (83-75). Ферел потоа ја загбуи топката, Камењаш промаши две слободни фрлања, па Партизан го искористи тоа и направи серија од 8-0, благодарение на две тројки на Стерлинг Браун и забивање на Тајрик Џонс на две секунди пред крајот.
Во дополнителните пет минути доминираше Партизан, но победникот беше решен во финалните 60 секунди, пред се поради неколкуте грешки на домашните кошаркари.
Стерлинг Браун го одбележа натпреварот со 30 поени, но во клучните моменти се истакна Бонга кој имаше неколку важни скокови и мечот го заврши со дабл дабл од 12 поени и 11 скока. Кај Будуќност најефикасен беше Ферел со 17 поени, но МВП од основниот дел од сезоната Мекинли Рајт беше повреден и одигра само осум минути за кои не успеа да се запише во листата на стрелците. И вториот меч од финалната серија се игра во Подгорица, в сабота од 21 часот.


