Вечерва и в четврток во Белград се играат третиот и четвртиот натпревар од финалната серија во АБА лигата.
Партизан ја пречекува Будуќност при нерешен резултат (1-1) и со евентуални две победи пред своие навивачи ќе ја освои осмата шампионска титула во регионалното натпреварување. Сепак, во клубот од Подгорица никој не планира да се предаде, а особено не навивачите на црногорскиот шампион.
Поради правилата на АБА, тие не смеат организирано да патуваат во Белград, но се погрижија спектакуларно да ги испратат своите кошаркари. Додека тие се возеа кон аеродромот, карван од автомобили им го попречи патот, навивачите вееја клупски знамиња, а потоа блокираа еден кружен тек каде со песна и пиротехника го испратија тимот.
Многу лесно можеше во моментов да биде 2-0 за Будуќност во финалето, но подгоричани на првиот меч испуштија +8 во последните 45 секунди и загубија на продолжение. За да ја вратат серијата во Подгорица или да дојдат до титулата им е потребен барем еден триумф во Белград. Првиот меч, трет во серијата, е на програмата вечерва од 20 часот.
За еуфоријата која владее во Подгорица, најдобро зборува одлуката на Будуќност, вечерва да постави видео бим пред салата „Морача“ на кој навивачите ќе можат заедно да го проследат натпреварот.


