По десетина дена подготовки, У20 репрезентацијата на Македонија од денеска до понеделник ќе одигра три пријателски натпревари во Романија.
Денеска и утре противник ќе ѝ биде соодветната селекција на оваа земја, која за разлика од нашата, ќе се натпреварува во А-дивизијата. Натпреварите ќе се играат во терминот од 18 часот во Тарговиште, а потоа младинската репрезентација на Македонија ќе отпатува во Питешти каде в понеделник ќе се сретне со У18 селекцијата на Романија.
Ова ќе биде прва можност за селекторот Горан Самарџиев да види во каква состојба се неговите играчи и тимот во целина. До почетокот на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Литванија има безмалку еден месец, почнува на 11 јули и тоа е доволно време да се отстранат евентуалните недостатоци.
Познато е дека оваа селекција е без двајцата можеби најдобри играчи во генерацијата Андреј Шошкиќ и Рубин Стефанов, но од друга страна, тоа е можност за останатите да блеснат, особено оние кои лани играа во јуниорската репрезентација и го освоија златниот медал на Б-првенството во Скопје. На пат за Романија заминаа: Ангел Кечовски, Ангел Стојанов, Бојан Величковски, Димитар Зетов, Дино Лазарев, Грегориј Јакимовски, Исак Муареми, Јордан Кузманов, Koста Ќириловски, Марко Луканоски, Матеј Николовски, Малик Тачи, Сергеј Младеновски и Стефан Стојковиќ


