Вчера официјално заврши сезоната во АБА натпреварувањата и во следниот период оваа организација треба да ги реализира најавените големи промени за кои се зборува половина година.
Познато е дека бројот на екипи во елитната конкуренција треба да се зголеми од 16 на 20 со тоа што најверојатно тие ќе бидат поделени во две дивизии, а по една година, најавена е промена и на системот на натпреварување во АБА 2. За македонските клубови оваа конкуренција е поинтересна бидејќи и претстојната сезона само таму ќе имаме свои претставници.
КОШ.МК неофицијално дознава дека место системот со четири групи со по четири екипи, кој се покажа погрешен, во новата сезона ќе се игра како во фудбалската Лига на шампиони, односно натпреварувањата на УЕФА. Повторно ќе учествуваат 16 екипи кои при ждрепката ќе бидат поделени во четири шешири и секој тим за ривали ќе добие осум различни екипи со кои ќе се сретне само еднаш, што значи дека по четири пати ќе игра на домашен и гостински терен. Сите екипи се рангирани на една табела и најдобрите осум продолжуваат понатаму, во плејофот. Тоа значи дека се загарантирани осум, место ланските шест натпревари.
АБА сериозно размислува за овој систем и, ако нема промени, најверојатно ќе го претстави до крајот на овој месец. Во новата сезона, во АБА 2 би требало да учествуваат три македонски екипи иако досега само МЗТ Скопје и ТФТ го потврдија својот настап. Право на учество има и МКК Куманово кој домашното првенство го заврши како третопласиран.


