Иако му остана уште еден натпревар од суспензијата што ја доби лани, Жељко Обрадовиќ нема да го води Партизан во финалната серија од Кошаркарската лига на Србија, против Спартак.
Финалето почнува в недела во Белград, но без оглед на тоа што ќе се случува, Обрадовиќ нема намера да се врати на клупата. На дуелите против Спартак кои одлучуваат за шампионот на Србија, екипата ќе ја води помошникот Богдан Караичиќ кој не може да смета на најголем дел од ѕвездите кои веќе ја напуштија Србија, но затоа им дава шанса на младите играчи, претежно тинејџери кои одиграа одлично против ФМП во полуфиналето.
„Дај боже никогаш да не го водам Партизан во шампионатот на Србија, со луѓето кои го водат натпреварувањето во овој момент“, порача Обрадовиќ по триумфот во финалето од АБА лигата и остана на својот став сега, кога суспензијата му е пред крај.
Во финалето од српското првенство се игра до две победи, а Спартак веќе направи големо изненадување со триумфот против Црвена Звезда и првпат во својата историја ќе игра во серијата за титулата.


