На десетина дена пред заминувањето за Литванија каде ќе настапи на Европското првенство Б-дивизија, јуниорската репрезентација на Македонија ги прави завршните подготовки и анализи на противниците.
Селекторот Виктор Петровски, еден од најперспективните тренери во земјава, е задоволен од досега сработеното и има само комплименти за своите кошаркарки. Од минатата недела репрезентацијата е комплетирана, веќе одигра два меча и ѝ претстојат уште два по што Петровски ќе одлучи кои 12 ќе патуваат на Балтикот.
„Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Би рекол дека сите играчи влегуваат максимално посветени на секој тренинг, што искрено, многу ме радува. Сега ни следуваат уште две пријателски средби со Косово, на кои ќе видиме што и колку сме одработиле во претходните денови. Целта ни е да ја задржиме оваа позитивна атмосфера присутна на тренинзите, и да бидеме во иста оваа енергија и на првенството во Литванија“, изјави Петровски.
Дуелите со Косово се играат в среда и петок, прво во Скопје, а потоа и во Приштина. Европското првенство Б-дивизија во оваа категорија се игра од 4 до 13 јули, а Македонија е во групата А, со Ирска, Германија, Романија и Шведска.


