На финалниот натпревар од М12 лигата во женска конкуренција, при една акција кон крајот на натпреварот беше досудена неспортска, намерна грешка што ја отвори вратата за едно поважно прашање од самиот резултат:
Каде сме ние како спортска заедница кога станува збор за фер-плејот?
„Во четвртата четвртина, девојче од едната екипа, обидувајќи се да спречи продор со топка кон кошот, отпозади со двете раце турна девојче од другата екипа.“
Одлуката на судиите беше точна – правилото беше спроведено согласно критериумите.
Но, она што недостасуваше беше најважното – духот на фер-плејот: извинување, реакција од тренерот, почит кон противникот.
А наместо тоа – пцости и навреди од трибините, пред очите на децата кои учат што значи да се биде спортист.
Дали заборавивме што навистина значи фер-плеј?
Фер-плеј не значи само „да не направиш неспортска или техничка грешка“. Тој е вредносен систем кој го сочинуваат:
- Почитување на правилата на играта;
- Почитување на противникот и судиите;
- Самоконтрола и достоинство – и во победа и во пораз;
- Грижа за безбедноста и здравјето на сите учесници;
- Позитивни примери од страна на тренерите, родителите и публиката.
Фер-плејот е и кога ќе подадеш рака на некој што паднал.
Кога ќе признаеш грешка – не затоа што мораш, туку затоа што е правилно.
Кога ќе покажеш спортски дух – дури и кога е најтешко.
Финалето не треба да биде само резултат – туку лекција.
Во младинските лиги тоа треба да биде и симбол на една сезона исполнета со:
- труд;
- другарство , и
- учење
Да се направи грешка – тоа е дел од играта.
Но, да се извиниш – тоа е дел од карактерот.
Фер-плејот не почнува од правилниците – туку од воспитувањето.
Трибините не смеат да бидат арена за испуштање фрустрации.
Тие треба да бидат место каде што се аплаудира на:
- коректноста;
- храброста, и
- борбеноста.
Ние, возрасните, имаме обврска да бидеме пример – секој ден, на секое место.
Ако сакаме генерации кои ќе го сакаат спортот, ќе го играат со страст и ќе го почитуваат противникот – тогаш ние први мора да покажеме што значи тоа.
Фер-плејот се учи:
1. Од тоа како родител реагира од трибина
- Децата гледаат. Ако родителот се воздржи од навреди, ако аплаудира на убав потег – децата учат како изгледа вистинска поддршка.
2. Како тренер го теши својот играч кога ќе погреши.
- Кога тренерот не вика, туку охрабрува, не срами, туку советува – тој воспитува и спортисти и луѓе.
3. Како судија останува достоинствен.
- Судијата е и воспитувач. Тој не само што ги спроведува правилата, туку преку својот тон, смиреност и професионализам учи што значи правичност, самоконтрола и почит.
Да бидеме гласни – кога ќе видиме добро однесување.
Да не молчиме само за грешките, туку и да ги пофалиме моментите на фер-плеј: кога играчите се ракуваат, кога се извинуваат, и кога му аплаудираат на противникот.
Децата не слушаат само што велиме. Тие гледаат што правиме.
Ако сакаме подобар спорт – мораме да градиме подобро општество.
И сето тоа почнува од фер-плејот.
Фер-плејот не е опција. Тој е обврска. За сите нас. Секогаш.
АВТОР: Александар Милојевиќ
Наставник и Комесар за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија


