Извесно е дека српската кошаркарска легенда Милош Теодосиќ летово официјално ќе ја заврши својата играчка кариера, но се уште е непознато кој ќе биде негов следен чекор во животот.
Пред неколку недели имаше информации дека му е понудено да остане во раководството на Црвена Звезда, но според српските медиуми, Теодосиќ не ги прифатил условите кои му биле понудени од клубот. Не е исклучено во следниот период, сепак, да дојде до договор, но засега ситуацијата е статус-кво, а Звезда веќе почна со склопувањето на тимот за новата сезона.
Теодосиќ неодамна наполни 38 години и јасно е дека не може на играчки план да помогне кому било во моментов. Професионалец беше 21 сезона, период во кој играше за ФМП, Борац Чачак, Олимпијакос, ЦСКА Москва, Лос Анџелес Клиперс, Виртус и Црвена Звезда.


