По младинската и јуниорската, од денеска во тренажен процес е и кадетската репрезентација под водство на новиот селектор Нермин Пепиќ.
Оваа селекција е единствена што летово ќе настапи на домашен терен, на Европското првенство Б-дивизија од 7 до 16 август во Скопје, а во меѓувреме ќе учествува и на Младинските олимписки игри чиј кошаркарски турнир ќе се одржи во Куманово од 19 до 26 јули. На списокот на Пепиќ се најдоа 22 кошаркари и сите се појавија на денешната прозивка, а среќа и успех им порачаа и челниците на Кошаркарската федерација на Македонија.
„Сакам да ве поздравам и веројатно позитивно ќе влијаам на вашата желба да дадеме се од нас на ова првенство, иако сте вие се уште деца, да го поминеме ‘машки’. Ние сакаме и веруваме во вас. Се надевам дека сето она што вие го чувствувате ќе го реализирате на теренот, како за вас, за вашите семејства, така и за нашата држава. Гледам дека сите сте млади, убави деца. Ви посакувам на сите многу среќа, успешност, залагање, и на крајот на првенството да се радуваме“, рече претседателот Томица Главчев.
Планирано е до почетокот на Европското првенство, кадетската селекција да одигра два пријателски меча со Црна Гора во Подгорица и уште два со Косово и Швајцарија, а на шампионатот во Скопје, за противници во групата ги имаме Словачка, БиХ, Полска, Ирска и Кипар.


