На една недела пред заминувањето за Литванија на Европското првенство Б-дивизија, женската јуниорска репрезентација ја оствари првата победа во подготвителниот период.
Нашите млади кошаркарки беа подобри од Косово, совладувајќи го во Кале со 56-51. Македонија го диктираше темпото речиси цел натпревар, во првото полувреме водеше и со 26-11 што беше највисока разлика на мечот, двоцифрено беше и на полубреме (35-23), но гостинките заиграа подобро во вториот дел.
Македонската репрезентација имаше мала криза на стартот од последната четвртина кога пет минути беше без поен, па Косово успеа да се доближи на само четири поени негатива (49-53). Сепак, кошаркарките на Виктор Петровски не дозволија пресврт, одиграа сигурно во клучните моменти и дојдоа до победата.
Ива Колева со 12 поени беше единствена со двоцифрен ефект во нашата репрезентација, но се истакна и Ања Начевска со 9 поени и 5 скока и особено Теа Трајковски со 8 поени, 6 скока и 4 украдени топки за индекс 15. В петок Македонија и Косово ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, но во Качаник и тој ќе им биде генерална проба за Европското првенство Б-дивизија кое почнува на 4 јули.


