Синоќа се одржа првиот дел од НБА драфтот во кој беа избрани 30 кошаркари и познат е првиот пик за 2025 година.
Тоа не е големо изненадување, Далас Маверикс го избра крилниот центар Купер Флег од Универзитетот Дјук кој ќе има големо бреме на своите плеќи. Прво, тој треба да го замени Лука Дончиќ како прва ѕвезда на екипата во иднина, а второ, го сметаат за најголем американски талент уште од Леброн Џејмс во 2003 година. Најдобро за тоа зборува фактот што лани беше поканет на кампот на американската сениорска репрезентација која се подготвуваше за Олимписките игри во Париз.

Флег ќе влезе во НБА лигата со само 18 години (19 полни на 21 декември), а во НЦАА помина едвај една сезона во која ги собра сите индивидуални награди. Беше прогласен за играч на годината, дебитант на годината, член на најдобрата дефанзивна петорка… што е доволен доказ дека во него има огромен потенцијал. Просечно постигнуваше по 19,2 поена, 7,5 скока и 4,2 асистенции по натпревар и ако успее тоа да го повтори во НБА, би имал одлична дебитантска сезона.
Како втор пик е избран Дајлан Харпер кој ќе игра во Сан Антонио, а трет е Ви Џеј Еџкомб кого го селектираше Филаделфија. Највисоко избран европски кошаркар е Русинот, Егор Демин чија прва стануца во професионалната кариера ќе биде Бруклин Нетс.


