Екипата на Задар последните три сезони е водечка сила во хрватската кошарка, но на Балканот, очигледно, успехот е најголем грев.
Тоа на своја кожа го почувствува тренерот на Задар, Данијел Јусуп кој денеска бил физички нападнат од ВД директорот на клубот Томислав Кабиќ. Јусуп е најуспешен тренер во историјата на Задар со осум трофеи од вкупно 23, последните три во хрватското првенство се негово дело, но и тоа му пречи на некого кој е административно поставен да го води националниот шампион.
„Добив повик од директорот кој го прифатив и утринава дојдов во неговата канцеларија. Состанокот траеше кратко бидејќи неговата реторика беше иста како на настапот во медиумите, а мене таков разговор не ми се допаѓа и станав и реков дека нема да учествувам во тоа. Она што ми го кажа, тоа не е за медиуми, тоа е под секое ниво.
Човекот се залета од својот стол, ги стави рацете зад грб и со главата тргна кон мене. Дојде до контакт со главите и мојот физички интегритет беше загрозен. Скокнаа вработените од канцеларијата, а јас не кажав ниеден лош збор, само се повлеков и заминав“, рече Јусуп.
Со оглед на тоа што неговиот договор е истечен, не е исклучено ангажманот во Задар со ова да му е завршен што сигурно негативно ќе се одрази на функционирањето на екипата.


