Поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје и македонски младински репрезентативец Ервин Цого како селекторот на швајцарскиот 3х3 национален тим освои сребрен медал на Светското првенство што се одржува во главниот град на Монголија, Улан Батор.
Во финалето, Швајцарците загубија од Шпанија со 16-21, но и покрај тоа го остварија најголемиот успех во својата историја. Никогаш порано Швајцарија не успеала да стигне до финалето на светско првенство, ниту да освои медал на ова натпреварување. Пред две години во Виена првпат учествуваше, а годинава, под водство на Цого стигна до среброто.
На патот до овој успех, Швајцарците стигнаа со серија од пет победи од кои најголема, а најубедлива беше онаа во полуфиналето против Србија со 21-11. Претходно ги совладаа и Летонија (21-15), Литванија (16-15), Холандија (16-15) и Велика Британија (21-16), а од Шпанија загубија и во првото коло од групната фаза (12-21).
Ервин Цого е поранешен македонски младински репрезентативец и може да се пофали со добра кариера и во кошарка и во 3х3. Во кошаркарската кариера играше за МЗТ Скопје, Работнички, Куманово, АВ Охрид, Кастриоти од Косово, Тортоса од Шпанија, Шкупи, ТФТ и Вардар, а остана запаметен како дел од тимот на МЗТ кој во 2012 година ја освои првата шампионска титула во македонското првенство.
Сепак, факт е дека многу поуспешен беше во 3х3 каде освои голем број трофеи и на индивидуален и на тимски план. Кариерата ја заврши лани како најдоброрангиран македонски играч според ранкингот на ФИБА, четири пати беше избиран од ФИБА за најдобар играч во Македонија, прв Македонец е на World Tour, три пати беше шампион на земјава, два пати на Србија, еднаш на Швајцарија, а настапуваше и во индиската и тајландската лига. За македонската репрезентација играше во три квалификациски циклуси, во 2019, 2022 и 2023 година.


