Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) ја извести репрезентацијата на Израел дека селекцијата на Јордан нема намера да игра против нив на У19 Светското првенство, кое се одржува во Лозана.
Натпреварот е закажан за денеска од 16:45 и ќе биде регистриран со резултат 20:0 во корист на Израел. Јорданците се одлучија на таков чекор поради настаните во Газа, каде што Израел, како што велат, врши геноцид врз Палестинците.
„Во име на Израелската кошаркарска федерација, изразувам жалење за таквата одлука, бидејќи верувам дека спортот не е политичка арена, туку мост меѓу различните култури и нации. Уверен сум дека во иднина нема да има повеќе пречки за играње вакви натпревари“, рече претседателот на Кошаркарска федерација на Израел, Амос Фришман.
Јордан нема да добие бод за поразот поради бојкотирање на натпреварот. Двете селекции вчера ги одиграа своите први натпревари на Светското првенство. Израел ја победи Швајцарија со 102-77, додека Јордан загуби од Доминиканска Република со 69-79.


