Женската У18 репрезентација на Македонија прва ќе го почне настапот на европските првенства од сите наши селекции кои ќе учествуваат ова лето.
Јуниорките утре патуваат за Литванија каде од 4 до 13 јули ќе настапат на Европското првенство Б-дивизија. Ова е една од најталентираните генерации во македонската женска кошарка, но ќе има силна конкуренција на шампионатот во Алитус. Селекторот Виктор Петровски ја пренесува атмосферата во тимот на еден ден пред заминувањето на Балтикот.
„Во изминатите четири недели кошаркарките работат со максимална енергија, на секој нов тренинг доаѓаат уште помотивирани што многу ме радува. Исто така, во овие четири недели направивме атмосфера како семејство што е клуч за секој успех. Целта ни е енергијата и мотивацијата од тренинзите да ги пренесеме на натпреварите во Литванија и ако успееме во тоа, можеме да очекуваме добар резултат.
На сите ни е јасно дека нема да биде воопшто лесно ако се знае дека сме една од најмладите репрезентации, но тоа ни дава дополнителен фактор за поголема желба и мотивација. Групата е тешка , ја имаме Германија која е фаворит за злато на првенството, Романија која лани беше шампион во У16 со овие играчи и Шведска која секоја година е во горниот во конечниот пласман.
И покрај се, тоа што можеме да го очекуваме е дека сите ќе бидеме максимално подготвени мотивирани и дека ќе одиграме најдобро што можеме, за што интензивно работевме во подготвителниот период. Имаме многу талентирани кошаркарки, кои за некоја година ќе бидат и во А тимот“, рече Петровски.
Покрај гореспомнатите три репрезентации, Македонија во групата ја има и Ирска која на хартија е аутсајдер. Првиот меч на нашите јуниорки е в петок од 12 часот, против Романија.


