Откако несфатливо го избрка Том Тибодо по најдобрата сезона во последните 25 години и преговараше со десетина стручњаци, Њујорк Никс конечно го реши прашањето околу новиот тренер.
На клупата на тимот од „Големото јаболко“ ќе седне 52-годишниот Мајк Браун кој ќе има задача да ги подобри резултатите и да му ја донесе на Њујорк првата шампионска титула по пауза од 52 години. Американските медиуми тврдат дека договорот е постигнат, а се очекува само потврда од Никс.
Браун има сериозно кошаркарско педигре, безмалку три децении е во НБА и има четири шампионски титули, но сите освоени како асистент. Првата е од 2003 година со Сан Антонио Спарс, а останатите три со Голден Стејт, во 2017, 2018 и 2022 година. Пет години од својата кариерата, тој помина како тренер на Леброн Џејмс, во 2007 година го однесе Кливленд во финалето, но таму загуби од Сан Антонио. Интересно е тоа што иако долго работи во НБА, тој досега водел само три екипи како прв тренер и тоа Кливленд, Лејкерс и Сакраменто.
Својот последен ангажман Браун го имаше во Сакраменто Кингс кого го водеше од 2022 до 27 декември 2024 година.


