И по три кола, женската јуниорска репрезентација на Македонија уште нема победа на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Литванија.
Денеска, нашите млади кошаркарки доживеаја убедлив пораз и од Шведска, со 41-81, па последната шанса за триумф во групната фаза останува дуелот против Ирска во среда. Слично на претходните два меча, со Романија и Германија, македонската селекција и денеска ги загуби шансите уште по првото полувреме кое им припадна на противничките со 39-15.
Особено беше лоша втората четвртина во која Македонија постигна само четири поени, сите дело на Пислевска по што шест минути нашите кошаркарки не успеаја да поентираат. Третиот период беше рамноправен, но Швеѓанките во последните десет минути го финишираа она што го почнаа претходно.
Повторно убедливо најдобра во македонската репрезентација беше Ања Начевска која и трет меч по ред оствари дабл дабл, со 17 поени и 11 скока и беше единствена со двоцифрен ефект. И на овој натпревар нашите кошаркарки имаа огромен број загубени топки, дури 35, наспроти 14 на противникот.
Утре е слободен ден на Европското првенство, а во вторник е слободна македонската репрезентација, па последниот меч од групната фаза ќе го одигра в среда.


