На Василије Мициќ очигледно му дошло преку глава да го селат во екипи од НБА и заклучил дека е време за враќање во Европа.
Само така може да се објасни неговиот потег да се откаже од 75% од парите што требаше да ги добие од Милвоки, а за возврат да добие „чисти документи“. Според договорот, на српскиот плејмејкер му следуваа 8 милиони долари за претстојната сезона, а тој се согласил да добие само 2, додека останатите 6 да ги „прости“.
Да биде иронијата поголема, овие 2 милиона долари ќе ги добие во следните три години, по 666.666 долари годишно. Во меѓувреме ќе може да си најде нов клуб во Европа и на тој начин да покрие дел од „загубата“ во НБА. Заинтересирани за него се Хапоел Тел Авив, Фенербахче, Олимпијакос, Дубаи и Црвена Звезда и ниедна понуда не е под 3 милиони евра по сезона.


