В петок во Ереван почнува Европското младинско првенство Б-дивизија, а ФИБА традиционално прави избор од десетмина кошаркари на кои треба да се обрне специјално внимание.
Меѓу нив овојпат се најде еден од најталентираните македонски кошаркари Марко Луканоски кој неодамна го доби првиот повик за настап во сениорската репрезентација, но на неа ќе ѝ се приклучи откако ќе заврши со обврските во У20 тимот. Луканоски има 19 години и со височина од 209 сантиметри би можел да биде долгорочно решение за центарската позиција во националниот тим.
„Луканоски беше еден од клучните играчи минатата година кога јуниорската репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Европското првенство во Скопје. Доби место во идеалната петорка со просек од 13,6 поени и 9,9 скока по натпревар, а со својата височина доминираше во рекетот. Способен е сам да се избори за позиција за шут, а неговите квалитети би можеле да бидат клучни за евентуално враќање на македонската репрезентација во А-дивизијата“, стои во анализата на ФИБА.
Кошаркарот кој последната сезона ја помина во Игокеа, а со оглед на тоа што има 19 години, јасно е дека и идното лето ќе може да ја предводи У20 репрезентацијата на Македонија. Покрај него, во изборот на играчи на ФИБА на кои треба да се обрне внимание на претстојното Европско првенство Б-дивизија во Ереван се уште: Емре Мелих Тунча од Турција, Самуел Обенџо од Шведска, Нико Саре од Хрватска, Автандил Бахтадѕе од Грузија, Фин Шот од Австрија, Лука Дуровиќ од Црна Гора, Сим Мартен Сади од Естонија, Јурис Витолс од Летонија и Никлас Полоновски од Данска.


