Кошаркарскиот сојуз на Србија денеска на прес-конференција официјално го изнесе својот предлог за формирање Професионална национална лига на Србија која би се играла во текот на целата сезона.
Тоа е прв чекор кон истапување на српските клубови од АБА лигата, нешто на што претседателот на КСС, Небојша Човиќ и селекторот Светислав Пешиќ работат веќе долго време. Во новата Професионална национална лига на Србијаа би имало 12 екипи од кои само две места се резервирани, оние за Партизан и Црвена Звезда, но поради распоредот, нужно е клубовите да излезат од АБА лигата затоа што ќе дојде до преклопување на термините.
Новата лига ќе почне да функционира од сезоната 2026/27, а претстојната (2025/26) ќе биде преодна и квалификациска бидејќи шесте најдобри екипи од неа, исто така ќе имаат сигурно место во новоформираното натпреварување. До вчера, белградските гиганти Партизан и Црвена Звезда беа против новата лига, но не е исклучено во следниот период да дојде до промена на нивните ставови.
За учество во Професионалната лига, потребен е буџет од најмалку 500 илјади евра на секој клуб, сала со минимум 1.500 места и максимум шест странци во секој тим. Токму бројот на странците не им одговара на Звезда и Партизан чии екипи главно се составени од странски кошаркари. Интересно е тоа што досега КСС немаше ингеренции на лигата, а сега излезе со план за нејзино преадаптирање.


