По две одиграни кола на Европското првенство Б-дивизија во Ерменија, У20 репрезентацијата на Македонија има биланс 0/2 откако денеска загуби и од Австрија.
Противникот славеше со 79-58 што е речиси идентичен пораз како оној што нашиот тим го претрпе вчера од Холандија (58-78). Денеска, кошаркарите на Горан Самарџиев одиграа добро само во првата четвртина која ја добија со 13-12, а се потоа отиде на контотот на противникот.
Во вториот период македонската репрезентација постигна само осум поени и на голем одмор замина со негатива од девет разлика (21-30), во второто полувреме ја поправи ефикасноста, но не успеа да ја загрози победата на противникот. Всушност, триумфот на Австријците не дојде во прашање во ниеден момент во вториот дел од натпреварот.
Денеска најдобар поединец во македонската репрезентација беше Стефан Стојковиќ кој оствари моќен дабл дабл со 15 поени и 12 скока. Луканоски постигна 14, а Ќириловски уште 11 поени и тие тројца беа единствени со двоцифрен ефект.
Новата шанса за победа македонската репрезентација ќе ја има утре во дуелот со Грузија која по две кола има биланс 1/1.


