Женската јуниорска репрезентација на Македонија денеска го заврши својот настап на Европското првенство Б-дивизија во Литванија.
Во последниот меч доживеа пораз од БиХ и на крајот го освои 18. место, позиција која на прв поглед е од оние што се далеку од амбициите на љубителите на кошарката. Сепак, ако се загребе под површината, има многу позитивни работи за македонската женска кошарка од ова првенство. На прво место е Ања Начевска која имаше фантастични иднвидуални бројки и е меѓу најдобрите на првенството, а веднаш до неа се Теа Трајковска и Ива Колева, кошаркарки кои во моментов имаат по 15 години, а првенството е за играчи до 18. Двете имаа одличен настап на шампионатот и сигурно се светла иднина на женскиот спорт во земјава.
Неколку часа по завршниот натпревар, селекторот на оваа репрезентација Виктор Петровски ги сумира впечатоците од она што се случуваше на првенството.
„За жал, немавме среќа на ждрепката и се паднавме во исклучително тешка група. За тоа најдобро зборува фактот што во финалето се среќаваат Шведска и Германија, репрезентации кои ни беа противници во групната фаза. Игравме со најмлад тим на првенството, две наши кошаркарки имаат по 15 години, неколку по 16, додека сите останати селекции беа главно со играчи родени 2007 и по некоја 2008 година. Сите беа физички посилни од нас, главно и повисоки, Босанките денеска беа за глава повисоки од нашите репрезентативки.
Ние покажавме добри игри и јас немам замерки на кошаркарките, без оглед на резултатите. Со Германија игравме израмнето 15 минути, со Романија водевме во првата четвртина, а да победевме денеска со БиХ, првенството ќе беше одлично за нас. Многу сум задоволен од сите кошаркарки и од целиот процес, дадоа се од себе за македонскиот дрес и ме направија горд.“, рече Петровски.
Најпозитивно од целата ситуација е што голем број од кошаркарките кои играа на ова јуниорско првенство ќе имаат право на настап и догодина кога може да се очекуваат и подобри резултати.


