Машката јуниорска репрезентација на Македонија викендов имаше двомеч со Швајцарија, но контролките во Ботевград завршија без победа.
Вчерашниот меч нашите јуниори го загубија со 92-97 по продолжение, а денеска беа поразени многу поубедливо, со 76-96. На првиот натпревар македонската репрезентација беше многу поблиску до победата, на крајот од третиот период водеше со 64-58, но во последните десет минути ја загуби предноста и во продолжение доживеа пораз. Најефикасни во нашиот тим на тој меч беа Сребров и Цветковски со по 19 поени.
Денешниот дуел не беше толку возбудлив и израмнет. Речиси цело второ полувреме Швајцарците имаа двоцифрена предност и на крајот заслужено стигна до победата. На овој натпревар прв стрелец беше Димовски со 17 поени.
До почетокот на Европското првенство што ќе се одржи во Белград, македонските јуниори имаат уште две недели во кои треба да ги елиминираат сите недостатоци, но и да се комплетираат, имајќи предвид дека во овој период се без капитенот Никола Јаничиќ.


