Денеска беше слободен ден на Европското У20 првенство Б-дивизија во Ерменија и тоа е добра можност да се сумираат впечатоците по воведните три кола.
Меѓу другото и да се направи пресек на статистичкиот ефект на кошаркарите, а по 1/2 во првите три кола, македонската репрезентација има со што да се пофали и на индивидуален план. На површина излегоа Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ кои се меѓу најдобрите не само во нашиот тим, туку и на првенството, но има и други кои досега оставаат добар впечаток.
Стојковиќ во моментов е трет скокач на првенството со просек од 11,3 скока по натпревар, а во истата категорија, на деветтата позиција е Луканоски со 9 скока по меч. Стојковиќ е еден од најдобрите кошаркари на првенството за што дополнителен доказ е тоа што се ко-лидер меѓу играчите со дабл дабл натпревари, има два на досегашните три настапи.
Од останатите репрезентативци, Павел Иванов е трет блокер со просек од две блокади по натпревар, а Ангел Стојанов е петти асистент со 4,7 додавања на досегашните три меча.


