Младинската репрезентација на Македонија оствари исклучително важна победа во четвртото коло од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Ерманија.
Нашите млади кошаркари го победија директниот ривал за второто место Швајцарија со 82-81 и имаат огромна шанса да се пласираат во четвртфиналето од континенталното натпреварување. За тоа ќе им треба победа против Данска во последното коло, но ќе треба да се поклопат и некои други резултати.
Денешниот триумф има дополнително значење и поради тоа што е остварена со мошне лош скок, особено во одбраната. Швајцарците имаа дури 19 офанзивни скока, наспроти три на нашите кошаркари, Македонија имаше и и 17 загубени топки, противниците само 10, но во клучните моменти до израз дојде храброста иако и двете селекции имаа голем број грешки и промашени слободни фрлања.
Нашите кошаркари подобро го почнаа мечот, по серијата од 12-0 поведоа со 19-9, подоцна и со 23-11, а предноста ја задржаа до крајот на полувремето иако тогаш беше само +1 (46-45). Во тоа прво полувреме, нашиот тим беше предводен од Ангел Кечовски кој погоди 5/5 за тројка и Павел Иванов кој имаше 12 поени. Сепак, кон средината на третиот период Швајцарците го презедоа водството и по серијата од 8-0 поведоа со 72-64, резултат со кој заврши таа четвртина.
Се чинеше дека се е загубено, но во најважните моменти, нашите кошаркари покажаа дека имаат „срце-планина“. По 77-71 за противникот, прво Младеновски, а потоа и Ќириловски погодија тројки за израмнување, Швајцарија за кратко се врати во водство, а потоа Младеновски повторно погоди од дистанца за 80-78. Противниците се вратија и израмнија на 81-81 на 49 секунди пред крајот, Кечовски потоа погоди едно слободно фрлање, но Швајцарците имаа можност да дојдат до победа бидејќи добија два „пенала“ на пет секунди пред крајот. За наша среќа, Донели два пати промаши, па безболни беа утките и на Иванов во самиот финиш.
Стојковиќ и Кечовски со по 16 поени беа најефикасни во нашата репрезентација, Иванов постигна 14, а Ќириловски 12. Можеби не функционираше скокот, но затоа „фати“ шутот, па нашите кошаркари имаа дури 14 тројки од 25 шута.
Натпреварот против Данска го играме утре, а дотогаш ни е потребно Холандија да загуби од Австрија која е убедлив лидер на табелата со 3/1.


