Денеска се игра последното коло од групната фаза на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Ерменија.
Исклучително интересно е во групата Ц во која се наоѓа македонската репрезентација бидејќи дури пет репрезентации се во борба за две места кои водат во четвртфиналето. Отпишана е само Грузија која се наоѓа на дното на табелата без никакви шанси да дојде до втората позиција. Во моментов, четири репрезентации се со идентичен биланс (2/2), на делба од втората до петтата позиција.
Во игра за четвртфиналето е и Македонија, но поради убедливите порази во воведните две кола, сега е во ситуација да зависи од резултатите на останатите селекции. Нашата репрезентација денеска од 16:30 часот се среќава со Данска и мора да победи, но во исто време треба да се погодат резултатите и на другите два меча.
Конкретно, потребна е победа на Австрија против Швајцарија и пораз на Холандија од Грузија. Во таков случај, а со триумф против Данска, Македонија сигурно ќе го освои второто место и ќе влезе меѓу осумте најдобри на шампионатот, а со тоа и ќе ја продолжи битката за пласман во А-дивизијата. Од друга страна, пораз од Данска би можел да ја однесе нашата репрезентација на петтата позиција во групата со што ќе се бори за пласман од 17. до 21. место што секако не е реален одраз на квалитетот на оваа генерација.
Многу голема улога играат убедливите порази во првите две кола, од Холандија и Австрија поради кои Македонија во моментов има најлоша кош-разлика во групата (-32). Токму тоа може да биде од клучно значење при конечниот пласман во првата фаза од првенството.


