Машката младинска репрезентација на Македонија официјално ги загуби шансите за пласман во четвртфиналето од Европското првенство Б-дивизија, без разлика на исходот од својот меч против Данска кој се игра во моментов.
Нашите шанси за место меѓу осумте најдобри зависеа од исходите на другите два натпревари во групата, а веќе првиот не ни одеше во корист. Потребна беше победа на Австрија против Швајцарија, тоа не се случи и дури и со победа на Македонија против Данска и евентуален пораз на Холандија вечерва, нашиот тим нема да биде второпласиран во групата.
Во најдобар случај Македонија ќе биде бодовно израмнета со Австрија и Швајцарија, но во „кругот“ ќе одлучи убедливиот пораз од Австријците со 21 поен разлика. Останува само да се види дали Македонија ќе се бори за пласман од 9. до 16. или од 17. до 21. место на првенството.


