Престојот на Леброн Џејмс во Лос Анџелес Лејкерс веројатно се ближи кон крајот што и не е големо изненадување ако се знае дека најголемата ѕвезда во НБА има полни 40 години и е на залез на кариерата.
Поради тоа, раководството на франшизата од Калифорнија веќе прави планови како да го замени кога ќе си замине бидејќи со тоа ќе се отвори голем простор во селари-капот. Лејкерс секогаш имаат највисоки амбиции, па така ќе биде и кога Леброн ќе си отиде. Неговата плата за претстојната сезона изнесува 52 милиони долари што е огромна сума со која може да се донесе квалитетно засилување.
Американските медиуми веќе најавуваат дека Лука Дончиќ ќе биде лидер на новиот проект на Лејкерс, но намерата е да му се донесе соодветен партнер со кого ќе атакува на титулата. Во прв план се Никола Јокиќ и Јанис Адетокунбо, играчи кои заедно имаат пет МВП признанија и големо искуство во НБА лигата. Двајцата имаат договори со своите екипи до 2027 година со можност за продолжување на уште една сезона што целта на Лејкерс ја прави тешко изводлива, но не и невозможна.
Генералниот менаџер Роб Пелинка покажа дека знае како да ги убеди играчите да дојдат во Лејкерс, за што најдобар доказ е трејдот на Лука Дончиќ од Далас во февруари годинава.


