Српскиот кошаркар Бориша Симаниќ вечерва ја вознемири јавноста во својата земја со потресна порака објавена на Инстаграм.
Симаниќ е кошаркарот кој пред две години, на Светското првенство, играјќи за репрезентацијата загуби бубрег и неговиот живот беше доведен во прашање.
„Фала, Србијо! Јас вам бубрег, слава и радост, вие мене понижување, тага и жал“, напиша Симаниќ, а пораката ја проследи со химната на Србија.

Српските медиуми се заинтересираа што е тоа што го разочарало кошаркарот на Игокеа, а тој им открил дека не се нашол на поширокиот список на играчи на српската репрезентација за претстојното Европско првенство.
„Од Сојузот стигна порака дека нема место за мене во репрезентацијата. Благодарам“, изјавил Симаниќ.
По едногодишна пауза, минатата сезона тој ја помина во Игокеа, но постојано се жалеше на нефер третман од државата кон него, по несреќата што му се случи на Мундијалот.


