Младинската репрезентација на Македонија заврши на 17. место на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Ерменија.
Во последниот меч, нашите млади кошаркари ја победија Словачка со 65-64 што беше четврти триумф на овој шампионат. Впечаток е дека конечниот пласман не е реален одраз на квалитетот на оваа генерација бидејќи победи селекции од земји кои имаат традиција во кошарката, а ја совлада и Швајцарија која денеска ќе се бори за бронзениот медал на првенството.
Денешниот меч беше исклучително драматичен и полн со пресврти. Македонија водеше со 10 разлика на полувреме (35-25) и со 14 на стартот од третата четвртина (39-25), но дозволи противникот не само да ја анулира негативата, туку и да поведе со седум разлика на почетокот од последниот квартал (55-48). Сепак, со серија од 13-2 нашите кошаркари успеаја да се вратат во водство и во неизвесниот финиш да дојдат до триумф. Словачка имаше шут за победа со истекот на времето, ама за наша среќа Ковачик беше непрецизен од полудистанца.
Марко Луканоски одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 19 поени и 19 скока, а се истакна и Павел Иванов кој за малку не дојде до дабл дабл (14 поени и 9 скока).


