Лука Дончиќ останува осамен на Европското првенство откако во рок од 24 часа, својот настап на Европското првенство го откажаа двајца од кошаркарите кои требаше да бидат меѓу носителите на играта.
Првиот е Влатко Чанчар кој неодамна се врати од НБА и потпиша за Олимпија Милано, а веднаш по него, истото го направи натурализираниот словенечки репрезентативец Џош Нибо. За нивното можно откажување се зборуваше уште откако селекторот Секулиќ го објави првичниот список на играчи за Еуробаскетот, но тој упорно повторуваше дека ги очекува на стартот на подготовките и дека ќе имаат значајна улога на првенството.
Отсуството на Чанчар и Нибо ќе ѝ направи проблем на словенечката репрезентација под кошевите бидејќи Секулиќ останува без еден центар и еден кошаркар кој може да ги пополни позициите 3 и 4. Ситуацијата ќе мораат да ја спасуваат Жига Данеу, Роберт Јурковиќ, Лука Шчука, Мартин Крампљ…, но јасно е дека тие немаат квалитет како Чанчар и Нибо кои беа сигурни стартери.
Словенија сега останува и без натурализиран кошаркар бидејќи Мајк Тоби објави дека повеќе нема да игра за репрезентацијата, а Џордан Морган се соочува со проблеми со повреди. Постоеја најави дека дополнително ќе биде повикан Ален Омиќ, но тој последен пат играше за националниот тим во 2015 година.
Репрезентацијата на Словенија од минатата недела се наоѓа на висински подготовки на планината Рогла. Со подготвителни натпревари ќе почне на 8 август кога во Стожице ќе го пречека светскиот шампион Германија, два дена подоцна ќе гостува во Манхајм, а потоа ќе се сретне и со Литванија, Летонија, Велика Британија и Србија.

