По само една сезона, најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ ја напушти Олимпија Милано и се пресели во рускиот Зенит од Сант Петерсбург.
Одлуката да си замине од „градот на модата“ не беше изненадување бидејќи последните два месеца од сезоната, плејмејкерот воопшто не играше, веројатно не ни тренираше со своите соиграчи. Последниот настап го забележа на 6 април против Реџо Емилија кога доби едвај девет минути во поразот на неговиот тим со 78-87. Десетина дена порано, последен пат се појави на меч од Евролигата против Барселона.
Трансферот на Димитријевиќ во Зенит беше официјализиран минатата среда, но за тоа не постои информација на профилите на социјалните мрежи на Олимпија Милано. Таму има вести или барем објава за сите што последниве два месеца си заминале или дошле во клубот, дури и за тренери на младинските категории и кошаркари од младинскиот погон кои заминале на студии во САД и притоа на сите им е посакано добредојде или многу среќа во натамошниот дел од кариерата или животот. Единствено не постои информација дека Ненад Димитријевиќ повеќе не е член на најтрофејниот италијански клуб.
Нејасно е каков е тој грев што го направил македонскиот кошаркар за така да биде игнориран од клубот. Можеби имал конфликт со тренерот Еторе Месина, но не е ни прв, ни последен таков случај и во Олимпија Милано и во кој било друг клуб во светот, ама никој никогаш не бил така понижен. Пред неколку години, Барселона го „фати“ Тома Ертел како тајно преговара со Реал Мадрид, го исфрли од тимот, дури и го остави среде ноќ на аеродром во Истанбул што беше преседан во светскиот спорт, но кога тој си заминуваше од клубот, го испочитува и му посака среќа во иднина.
Неспортскиот однос на Олимпија Милано кон Димитријевиќ уште повеќе зачудува ако се знае дека македонскиот кошаркар имаше одличен старт на својот престој во клубот и дури беше заслужен за еден трофеј. На стартот на минатата сезона, Олимпија триумфираше во Суперкупот на Италија, а Димитријевиќ беше прогласен за МВП на турнирот, нешто на што очигледно заборавиле во Милано.


