Иако многу подобра отколку на претходните четири натпревари, јуниорската репрезентација на Македонија го доживеа и петтиот пораз на Европското првенство во Белград.
Денеска подобар беше Израел кој славеше со 85-73, но нашите кошаркари можат да жалат што не триумфираа бидејќи до последните моменти беа во игра за победа која ќе значеше опстанок во оваа конкуренција. На нешто помалку од четири минути пред крајот, по кошот на Ѓорѓевиќ, резултатот беше 71-75, а минута подоцна истиот играч погоди две слободни фрлања за 73-77.
Недостасуваше барем една добра одбрана, но Израелците ја искористија предноста под кошевите, ја спуштаа топката во рекетот и на тој начин поентираа во клучните моменти. Во последните две минути Македонија не успеа да постигне поен, противникот направи серија од 8-0 и дојде до победа која го носи во борба за пласман од 9. до 12. место.
Дамјан Данев беше убедливо наш најдобар кошаркар, постигна 23 поени со осум скока, но се повреди во финишот и неизвесно е дали ќе игра на последните два меча. Македонија повеќе нема право на кикс ако сака да опстане во А-дивизијата, а тоа ќе биде многу тешко. В сабота ќе игра со поразениот од дуелот меѓу Австрија и Белгија, селекции против кои реално може да се „носи“, но во случај на победа, многу веројатно ќе се сретне со Бугарија која одигра одлично против Франција во осминафиналето и ја победи Германија во групата.


