Македонската јуниорска реорезентација остана во игра за опстанок во А-дивизијата откако денеска ја победи Белгија во првиот меч за пласман од 13. до 16. место.
Нашите млади кошаркари славеа со 81-72 и утре го играат одлучувачкиот меч против Бугарија. Несомнено ова беше нивен најдобар натпревар на првенството и покрај тоа што е јасно дека Белгија е далеку квалитетот на досегашните ривали.
Македонските репрезентативци покажаа карактер кога беше најпотребно. Двете селекции имаа големи осцилации во играта, Белгија доминираше во првиот период кога водеше со четири разлика за Македонија во втората четвртина да дојде до водство од девет поени (43-34). Повторно Белгијците ја презедоа иницијативата во третиот квартал по серијата од 8-0, но во последните десет минути се влезе со нерешен резултат.
Македонија влезе во нив со серија од пет поени, кон средината на последната четвртина отиде на двоцифрена предност (78-65) и тука беше крај на сите надежи на Белгија за евентуален добар резултат.
Григориј Ѓорѓевиќ овојпат беше најефикасен во македонската репрезентација со 22 поена, вклучувајќи четири тројки од седум шута, а Јаничиќ и Димовски постигнаа по 17.


