Јуниорската репрезентација на Македонија идната година повторно ќе настапува во Б-дивизијата од Европското првенство откако испадна од елитната конкуренција, на шампионатот што се одржа во Белград.
Во клучниот меч, нашите млади кошаркари загубија од Бугарија со 87-90 и во конечниот пласман го освоија 14. место кое води во понизок ранг. Македонската селекција имаше добра шанса да оствари победа на овој меч и да се спаси од испаѓање, но имаше тотално затемнување во период од три минути во последната четвртина кога Бугарија ја обезбедија победата.
Претходно Македонија речиси постојано имаше контрола над резултатот, во втората четвртина водеше и со девет разлика (39-30), но победникот се решаваше во последниот квартал. Клучен се покажа периодот меѓу 34. и 37. мунута во кој Бугарите направија серија од 17-0 и од -1 отидоа на предност од 16 разлика (86-70). Нашите кошаркари не се предадоа и се обидоа да направат пресврт, постигнаа 14 поени по ред и дојдоа на само -2 (84-86), но во клучниот напад, на 18 секунди пред крајот Ивајло Скрински погоди неверојатна тројка со истекот на нападот и ја запечати победата на бугарската селекција.
Дарјан Димовски со 29 поени беше најдобар играч во македонската репрезентација, Јаничиќ постигна 19, а Данев 18. Вторпат во период од три години, јуниорската селекција не успева да обезбеди опстанок во елитната конкуренција и испаѓа во Б-дивизијата.


