Интересна ситуација се случува последните години во светската кошарка и тоа станува тренд – се поголем е бројот на европски кошаркари во НБА и се поголем е бројот на НБА кошаркари во Европа, конкретно во Евролигата.
На „стариот континент“ доминираат Американците за кои се повеќе нема место во НБА тимовите, па во Европа стануваат главни ѕвезди, по примерот на Кендрик Нан кој минатата сезона беше МВП во Евролигата. Се враќаат и европските кошаркари, како што беше случајот со Александар Везенков и летово со Василије Мициќ, а тоа драстично го зголемува квалитетот на кошарката во Европа.
Речиси да нема клуб без барем еден поранешен НБА кошаркар, а во голем број тимови и повеќе од половина од ростер сочинуваат играчи кои настапувале во најсилната светска кошаркарска лига. Интересно е податокот што најголем број одиграни натпревари во НБА има српскиот и АБА шампион Партизан.
Заедно со летните засилувања Шејк Милтон и Џабари Паркер, „црно-белите“ имаат дури 1.759 одиграни натпревари во НБА. Доминира токму Милтон со 399 од кои 359 во основниот дел и 40 во плејофот, зад него е Џабари Паркер со 321, па Стерлинг Браун со 292, а со искуство во НБА можат да се пофалат и Френк Нтиликина, Алексеј Покушевски, Исак Бонга, Двејн Вашингтон, Карлик Џонс и Ифе Лундберг.
На второ место е Панатинаикос чии кошаркари имаат 1.474 натпревари во НБА, па Реал со 1.228, Барселона со 1.211, Монако со 1.154 итн. Оваа ситуација може да се измени до почетокот на сезоната ако некој од клубовите го потпише конгоанскиот центар со шпански пасош Серж Ибака. Искусниот кошаркар има дури 1.071 натпревар во НБА и драстично ќе го поправи „пласманот“ на својот нов тим, ако воопшто добие договор во елитното европско натпреварување.


