В четврток во Скопје почнува кадетското Европско првенство Б-дивизија на која македонските кошаркари ќе се обидат да се вратат во елитната конкуренција.
Подготовките на нашата репрезентација привршуваат, кадетите имаа најзгусната агенда летово затоа што, меѓу другото, настапија и на Европскиот младински олимписки фестивал и натпреварите на оваа манифестација, против квалитетни ривали, треба да им бидат од голема помош. На три дена пред почетокот на шампионатот, селекторот Нермин Пепиќ ја пренесува атмосферата во репрезентацијата.
„Генерално сум задоволен од изминатиот период, најбитно од се е дека екипата е комплетна и немаме повредени играци, со исклучок на Никола Костов кој требаше да биде еден од носителите на оваа генерација, но не успеа да заздрави од повредата што ја доживеа пред крајот на сезонат. Не бевме фокусирани толку на резултатите, целта беше да се подготвиме што е можно подобро за Европското првенство. Во текот подготовките имавме и неколку пријателски натпревари, на кои резултатот во втор план, а приоритет ни бесе да испробаме нешто ново што сме работеле на тренинзите и шанса да добијат сите играчи. ЕМОФ беше голем предизвик за нас, со оглед дека сите противниците играат во А дивизија, но ни покажа до каде сме и каде мораме да се подобриме. Ги воочивме слабостите и грешките, а како што одминуваше турнирот, како екипа бевме постабилни и повоиграни. Самодовербата растеше после секој натпревар, што особено ме радува. Голема благодарност до нашата Федерација и МОК што одлучија токму нашата репрезентација да ја претставува Македонија на овие игри“, вели Пепиќ за КОШ.МК.
По нешто повеќе од еден месец работа, тој имаше можност да ги увиди сите квалитети и позитивни работи на своите кошаркари.
„Како најголеми адути на кадетската репрезентација би ги истакнал упорноста и борбеноста што треба да не краси низ целиот турнир. Ова се деца што не се откажуваат, без разлика на противникот и на резултатот, се борат до последната секунда. Тоа е квалитет што не може да се постигне со тренинг, играат со срце. Имаме добра генерација и многу талентирани деца кои допрва ке го покажат својот потенцијал во кошарката. Јас сум презадоволен од нивната дисциплина, сплотеност и желбата за напредок и сметам дека Европското првенство ќе биде одлиќна шанса за доказување и нивен развој“, додава селекторот.
На Европското првенство Б-дивизија во Скопје, Македонија ќе биде во групата Б, со Словачка, БиХ, Полска, Ирска и Кипар, квалитетни селекции со кои Пепиќ веќе имал можност да се запознае и да ги анализира.
„Имаме првични информации за противниците, ги анализиравме нивните слаби страни и недостатоци, но главниот фокус го ставаме на нас и на нашата игра, сакаме да излеземе на терен и да го дадеме максимумот. Во однос на тоа кои се моите очекувања, не сакам да се врзувам со конкретен пласман, ќе одиме натпревар по натпревар. Очекувам на терен да се види упорноста, карактерот и тимската енергија што ја вложивме на подготовките. Со таков пристап верувам дека резултатот сам ќе дојде. Особено очекуваме нашата публика да дојде во голем број и да ни даде силна поддршка во моментите кога ќе ни треба дополнителна мотивација и сила за победа“, завршува Пепиќ.
Досега три македонски младински репрезентации настапија на европските првенства, но ниедна не успеа да се пласира во горниот дел во конечниот пласман. Машката кадетска репрезентација е последна надеж догодина да имаме барем една младинска селекција во А-дивизијата.


