Репрезентацијата на Романија е на милиметри од пласман во квалификациите за Светското првенство откако попладнево ја оствари и втората победа во претквалификацискиот циклус.
На домашен терен, Романците ја прегазија Унгарија со 76-64, докажувајќи дека неодамнешниот триумф во Куманово не бил случајност. Ако ја победат Македонија во возвратниот натпревар пред своите навивачи на 13 август, дефинитивно ќе обезбедат пласман во квалификациите за Мундијалот.
Интересно е тоа што унгарската репрезентација денеска подолго беше во водство, нешто повеќе од едно полувреме (20:08 минути). Доминираше во првиот дел во кој водеше и со десет поени разлика (16-6 и 21-11), но на голем одмор се замина со израмнет резултат (42-42). Гостите парираа до средината на третиот квартал, а потоа почна доминацијата на романската репрезентација која со неколку серии стигна до убедлива победа.
Михал Макјуча со 21 поен и 7 скока беше најдобар играч кај Романците, а двоцифрен ефект имаше уште Попа кој реализира 11 поени. Во унгарската репрезентација Золтан Перл постигна 15 поени, а натурализираниот Нејт Руверс додаде 14.
Може да се каже дека овој резултат ѝ одговара на Македонија, но само ако се избори за триумф против Унгарија в сабота во Солнок.


