Македонскиот вицешампион во женска конкуренција Крива Паланка претстојната сезона првпат во својата историја ќе се натпреварува на меѓународна сцена.
Клубот од истокот на Македонија го пријави своето учество во ВАБА 2 лигата и ќе биде единствен претставник од нашата земја во регионалното натпреварување. Екипата е предводена од 24-годишниот талентиран стручњак Виктор Петровски кој, покрај тоа што е тренер на Крива Паланка, е селектор на јуниорската (У18) и асистент во женската сениорска репрезентација на Македонија.
ВАБА денеска ѝ посака добредојде на Крива Паланка во регионалното друштво, а притоа го претстави Петровски како еден од најперспективните тренери не само во Македонија, туку и на Балканот.
„Ова за нас ќе биде прво интернационално искуство. Во ВАБА 2 ќе има исклучително силна конкуренција, со тимови од Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ…, но ние како клуб сме подготвени да дадеме максимум. Првите два натпревара ги играме на домашен терен и убеден сум дека ќе ги претставиме Крива Паланка и Македонија во најдобро светло“, рече Петровски за официјалната интернет страница на ВАБА.
Крива Паланка ќе биде четврти македонски клуб во натпреварувањата на ВАБА по Кимико од Струга, Бадел од Скопје и Баскет Кам од Македонска Каменица.


