Репрезентацијата на Хрватска ја оствари најубедливата победа во досегашниот дел од претквалификациите за Светското првенство, совладувајќи ја Норвешка како гостин со 101-68.
За разлика од останатите селекции, вклучувајќи ја и македонската, кои во овој августовски термин мака мачеа да соберат некои од најдобрите кошаркари, Хрватска игра со тим тим кој би можел да биде конкурентен дури и во квалификациите бидејќи селекторот Томислав Мијатовиќ ги има на располагање новиот играч на Сакраменто, Дарио Шариќ, поранешниот НБА кошаркар, а сега член на Реал, Марио Хезоња и натурализираниот Џејлен Смит, со неколкугодишно искуство во Евролигата. Капак на сето тоа, Хрватите се во можеби најлесната група, со Норвешка и Данска и се очекува да се прошетаат во овој циклус.
Сепак, дури и во вакви услови, Норвежаните се држеа во првата четвртина во која водеа и со 15-6, по десет минути игра беше 21-20, а потоа тргна хрватското торнадо. Следните две четвртини гостите ги добија со 58-30 и победникот беше решен во пресрет на последниот квартал.
Марио Хезоња доминираше со 27 поени и 8 скока, Баџим додаде 15 поени, а Шариќ 10. И покрај тоа што мечот во Берген беше прв за Хрватите во овој циклус, за пласман во следната фаза им е потребно само уште да ја победат Норвешка на домашен терен, без оглед на резултатите во дуелите со Данска.


